Женската одбојкарска репрезентација на Македонија, денеска го имаше првиот собир во Струмица пред настапите во Европската Сребрена лига. Во одлична атмосфера селекцијата го започнува темпирањето на формата за вториот настап во ова европско репрезентативно натпреварување.
„Со девојките кои се дел од репрезентацијата веќе некое време градиме одреден систем на работа. Добро ги познаваме и противниците, мислам дека имаме шанси, тоа се некои репрезентации кои се на наше ниво. Очекувам да одиме чекор по чекор, таков ќе биде договорот и со девојките, чекор по чекор и ќе го видиме на крајот резултатот. Сигурен сум дека ќе се бориме за се – за секој поен, за секој сет, со секоја екипа. Нема да гледаме кој е на другата страна, ние ќе ја играме нашата игра и ќе се подготвуваме за тоа, а кој ќе се најде на спротивната страна треба да се плаши“ – потенцира селекторот Стефан Пауновиќ.

