Колеги, пријатели и членови на семејството, денеска на комеморација во Скопје, се простија од доајенот на македонското спортско новинарство и легендарен радио коментатор, Александар Стиков, кој деновиве почина на 76 години.

Во просториите на Македонската радио телевизија, дел од неговите некогашни колеги и долгогодишни пријатели, го потенцираа значењето на делата на Стиков кој практично ги задолжи генерации по него да се наметнат во етерот.

Стиков беше последниот претседател на здружението на спортски новинари на Југославија и еден од основачите на Македонскиот олимписки комитет. Добитник е на бројни признанија, вклучувајќи го и престижниот Трофеј за спорт и медиуми од Меѓународниот олимписки комитет во 2004. Во 1969 година ја основа најдолговечната специјализирана спортска програма – „Спорт, музика, спорт“. Тој известуваше од седум Олимпијади и голем број европски и светски првенства.
