Денеска во просториите на Универзитетот Скопје беше одржана прес-конференција пред промоцијата на документарниот филм за животот и кариерата на нашата голема фудбалска ѕвезда, Дарко Панчев. Творците на документарниот филм „Патот на Кобра до ѕвездите“, го најавија овој филмски документ со историска вредност за македонскиот спорт кој е во соорганизација и копродукција на Спорт клуб телевизија, Спортско радио 90,3 и Спорт нетворк продукција.
На прес-конференцијата, присуствуваше Дарко Панчев, рекоторот на Универзитетот Скопје, Аце Миленковски, како и преставниците на ко-продуцентите, Спорт Нетворк од Белград и регионалната спортска телевизија Спортклуб.
„Создадовме еден филм за детството на Дарко, неговиот раст и фудбалски развој се на патот до успехот, и не само според неговите сеќавања туку и сеќавањата на многу други личности, негови блиски и од неговото опкружување. Дарко е многу благодарен соговорник, но и многу незгоден затоа што се сеќава на многу детали. Просто е неверојатно како Дарко се сеќава на се од неговата фудбалска кариера, затоа и со самото тоа ни беше навистина лесно, но во исто време малку и понапорно да собереме се на едно место, и во секој случај да создадеме, мислам, навистина прекрасен документарен филм кој засекогаш ќе сведочи за една големина каква што е Дарко Панчев“ – истакнаа Радован Максимовиќ од Спорт клуб, еден од творците на документарниот филм за македонскиот фудбалер на векот.

„За мене е секако чест и задоволство што кариерата ќе и биде претставена и на ваков начин на филмско платно. Ми беше задоволство да соработувам со продуцентите на филмот, и се надевам дека ќе и се допадне на целокупната македонска и балканска јавност“, истакна Дарко Панчев на прес-конференцијата.
Филмот официјалната промоција ќе ја има в понеделник од 20 часот во хотелот Александар Палас.