Минатиот викенд на спортските терени во Струга и Охрид се одржаа јубилејните 30-ти Републички спортски игри на лицата со телесен инвалидитет на Македонија, во организација на „Мобилност Македонија“ и Македонскиот параолимписки комитет.
Игрите се одржаа под мотото „CHANGE YOUR MINDSET-SPORT4EVERYONE“, а на истите се натпреваруваа 116 спортисти со телесен инвалидитет од 6 држави: Македонија (95), Словенија (3), Хрватска (6), Босна и Херцеговина (4), Црна Гора (3) и Бугарија (5), во стрелаштво, пинг понг и атлетика. Гостин на манифестацијата беше претседателот на Бугарскиот параолимписки комитет, Илија Лалов.
Најзначаен спортски резултат на игрите постигна нашата параолимпијка Оливера Наковска-Бикова, која во дисципината воздушен пиштол постигна резултат од 571 круг, што е резултат за 1 круг повисок од актуелниот светскиот рекорд, чиј сопственик е токму таа.
За време на игрите беше одржана едукативна работилница на која беа презентирани заклучоците од спроведениот проект, а победниците по спортски дисциплини се сликаа во маички со лого на проектот.