Фудбалскиот клуб Челзи и официјално потврди дека клубот е продаден и повеќе не е во рацете на рускиот бизнисмен Роман Абрамович. Нов сопственик на сè уште актуелниот европски шампион е Тод Боли, сопственик на безбол клубот Лос Анџелес Доџерс.
Конзорциумот – предводен од Боли, како и од Кларк Капитал, Марк Волтер и швајцарскиот милијардер Хансојерг Вис – за преземање на клубот ќе платат околу 4,5 милијарди долари и ќе има обврска да инвестира уште 1,7 милијарди долари во него, објавија медиумите на Островот.
„Челзи може да потврди дека е постигнат конечен и дефинитивен договор за продажба на клубот на Тод Боли/Клирлејк Капитал. Трансакцијата се очекува да биде комплетирана во понеделник. Клубот потоа ќе објави дополнителни информации“, се вели во соопштението на Челзи.
Боли е американски инвеститор и бизнисмен кој според „Форбс“ има пријавена нето вредност од 4,5 милијарди долари.
Според ова и официјално е ставен крај на ерата на Роман Абрамович, кој со оваа екипа од 2004 до 2021 година освои 19 трофеи, од кои пет во Премиер лигата и два трофеја во Лигата на шампионите.

