Реал (М) денеска на својата официјална веб-страница го потврди она за што медиумите шпекулираа со денови. Карим Бензема го напушта „кралскиот клуб“ и по се изгледа се сели во Саудиска Арабија. По долги години минати на „Бернабеу“ со статусот на голема легенда на клубот, Французинот ќе ја прифати понудата на Ал Итихад.
Во официјалното соопштение од Реал (М) се вели:
„Реал Мадрид и нашиот капитен Карим Бензема се договорија да го прекинат неговиот брилијантен и незаборавен период како играч на нашиот клуб. Реал Мадрид сака да ја покаже својата благодарност и сета своја наклонетост кон човекот кој е веќе една од нашите најголеми легенди. Карим Бензема пристигна во нашиот клуб во 2009 година, на само 21 година и беше фундаментален играч во ова златно доба од нашата историја. Следниот вторник, 6 јуни, во 12:00 часот, ќе се одржи средба за збогување со Карим Бензема, со присуство на нашиот претседател Флорентино Перез“.

