Новиот тренер на Барселона Чави Ернандез и официјално беше промовиран на „Камп Ноу“ а притоа даде свој коментар за неговото враќање во клубот. Тој го презема тренерското место од Серхи Бархуан, кој накратко беше привремен тренер по отказот на Роналд Куман.
„Се враќам подготвен, а мојата ДНК не е променета. Има многу работи кои треба да се вратат во игра, особено пресингот по губењето на топката. Мојата идеја е нашиот тим да ја води играта, да ја поседува топката, да создава ситуации. Сите мора да бидеме обединети за Барса повторно да се бори за трофеи“, изјави 41-годишниот тренер во интервју за клупската телевизија на Каталонците, емитувано неколку минути пред неговото официјално претставување.
„Го познавам клубот и тоа е предност. Познавам некои од играчите, бидејќи со Бускетс, Пике, Алба и Тер Штеген бевме дури и соиграчи. Сакам предизвици. Знам дека е важно да се сменат работите и во физичката кондиција на играчите. Нашата цел, покрај се, е да се забавуваме. Ви благодарам на сите за поддршката. Сфаќам дека се враќам во тежок период за клубот и имам огромна одговорност. Сите ние мора да работиме напорно“ рече Чави.