Напаѓачот на Фиорентина, Мојс Кин, го продолжи договорот со „виолетовите“ до 2029 година, објави клубот во официјално соопштение.
Според „Скај Спорт“, неговата клаузула за откуп е зголемена од 52 на 62 милиони евра. Неговата плата исто така се зголемува и наместо претходните 2,2 милиони евра, неговата нова плата ќе биде во износ од 4 милиони евра.
„Мојс се приклучи на клубот на почетокот на сезоната 2024/25 и постигна 25 гола на 44 натпревари во сите натпреварувања во својата дебитантска сезона“, се вели во официјалното соопштение од „Ла Виола“.
Мојс Кин ја изрази својата благодарност:
„Сакам да им се заблагодарам на претседателот Комисо и на раководството за поддршката што ми ја дадоа од денот кога пристигнав во Фиренца. Сите веруваа во мене и не сакав никого да разочарам, па затоа дадов се од себе. Исто така, им се заблагодарувам на навивачите за нивната љубов и поддршка – тие многу ни помогнаа да ги постигнеме резултатите што ги постигнавме. Нивната љубов кон клубот ме мотивираше да работам уште понапорно оваа сезона, заедно со тренерот и моите соиграчи“ изјави Кин.
Откупната клаузула на напаѓачот ќе биде активна само краток период – помеѓу 1 и 15 јули следната година.

