Како што се очекуваше Герет Саутгејт го продолжи договорот како селектор на Англија до летото 2022-та година, откако оваа година се пласираше со тимот во полуфиналето на Светското првенство за прв пат од 1990-та година.
Вчера, беше објавено дека селекторот се согласил да продолжи да ја води националната селекција и денес беше потврдено дека ова се случило. Неговиот помошник Стив Холанд исто така останува со него.
„Среќен сум што можам да ја предводам Англија на следните два големи турнири. Да ја искористам оваа можност и да кажам дека е неверојатна привилегија и чест за мене. Обединување на нацијата зад националниот тим ова лето беше нешто посебно и за мене ќе биде одлично да видам до каде може да стигне овој млад тим” изјави Саутгејт, кој доби и солидно зголемување на платата и отсега ќе заработува по 3 милиони фунти годишно.
„За нас, престојот на Герет со подолг договор отсекогаш бил приоритет. Тој ја врати вербата дека Англија може да биде конкурентен тим на најголемите натпреварувања. Тој е исто така одличен амбасадор на нашата организација”, рече првиот човек на ФА на Англија – Мартин Глен.
Следната недела Англија гостува на Хрватска во натпревар од Лигата на Нациите, а неколку дена подоцна тимот ќе играат против Шпанија, во обид да се реваншираат за поразот со 1:2 минатиот месец.