Серхио Рамос нема да остане во Пари Сен Жермен. Веста ја соопштија и клубот и самиот дефанзивец. Неговиот договор истекува на крајот на сезоната и нема да биде обновен.
„Денеска е посебен ден бидејќи ќе се збогувам со уште една фаза од мојот живот. Ќе се збогувам со ПСЖ. Не знам на колку места можете да се чувствувате како дома, но тимот, навивачите и градот беа тоа за мене. Благодарам за овие две посебни години каде имав можност да играм во сите натпреварувања и секогаш давав максимум од себе. Претстојат нови предизвици, ќе облечам друг дреси, но пред тоа, последен пат: „#AllezParis!“, напиша Рамос на социјалните мрежи.
„Би сакале да ја изразиме нашата огромна благодарност до Серхио Рамос за двете години што ги помина со нас. Неговите лидерски квалитети, тимски дух и професионализам во комбинација со неговото искуство на највисоко ниво го прават вистинска легенда и ми беше чест да го имам во ПСЖ .Сите ние во клубот не му посакуваме ништо друго освен најдобро“, изјави претседателот на Пари Сен Жермен, Насер Ал-Хелаифи.
Рамос допрва треба да донесе одлука за својата иднина, но тоа ќе го направи во наредните денови. 37-годишниот дефанзивец има примамлива понуда од Саудиска Арабија, но ќе се консултира со семејството пред да одлучи дали да ја прифати. Легендата на Реал Мадрид запиша вкупно 57 настапи и 5 гола за ПСЖ, освојувајќи две титули и еден Суперкуп на Франција.

