Седумкратниот европски шампион Милан ќе ги пропушти натпреварите од европските купови следната сезона.
Клубот постигна договор со УЕФА да не игра во Лига Европа, објави официјално Спортскиот арбитражен суд. Наместо Милан, Торино ќе игра во квалификациите, а Рома ќе оди директно во групите од Лига европа. Милан заврши како петти минатата сезона во Серија „А” и требаше да играат во второто по квалитет натпреварување во Европа, но склучија договор со УЕФА и нема да играат.
Италијанскиот гигант веќе беше казнет поради прекршување на Финансискиот ферплеј поради лошите финансиски резултати во последните години. „Росонерите” сепак поднесоа жалба пред спортскиот арбитражен суд и извршувањето на санкцијата беше суспендирана. Случајот сепак нема да биде разгледуван пред 14 август, кога веќе ќе се играат квалификациите во Лига Европа.
Ова значеше дека италијанскиот тим ќе може да се приклучи во овие квалификации. Сепак од клубот проценија дека е добро да се согласат сега да ја издржат казната, за да имаат можност да се стабилизираат финансиски, за да не дојде до ново нарушување на Финансискиот ферплеј.