Одбојкарската Федерација на Македонија и семејството Хаџииљоски по 49-ти пат ќе бидат организатори на меѓународен меморијален турнир „Бранко Хаџииљоски-Чајка“, кој од петти до седми август ќе се одржи во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.
Меморијалот, кој премина во традиција и е константен во годишниот календар на ОФМ и оваа година се става во функција на машкиот сениорски национален тим на Македонија.
За турнирот на прес-конференцијата говореше Ивица Хаџииљоски, претставник на семејството и потпретседател на Одбојкарската федерација на Македонија.
„На мое големо задоволство, по 49 пат се организира турнирот во чест на мојот покоен татко кој беше основоположник на одбојката во Тетово и ја водеше македонската и тетовската одбојка долги години. Посебна чест и задоволство ми е што и овој пат како годините наназад овој турнир го ставаме во служба на репрезентацијата и имаме силни екипи – Швајцарија и Бугарија. Сакам да бидеме добри домаќини, се надевам на добри мечеви и ја повикувам македонската јавност да ја поддржиме Македонија. Желба ми е да бидеме победници на овој турнир, што би било посебно чувство“, изјави Хаџииљоски.
Турнирот кој ни следи го најави селекторот Јошко Миленковски, кој кажа дека натпреварите ќе бидат добри за подготовка за предизвици кои се пред нашата репрезентација.
„Задоволството е големо што ќе го имаме овој турнир во рамки на подготовките за евроквалификациите и обидот четврти пат во низа да играме на ЕП и да оствариме најголем успех во нашата историја. Целиот циклус на подготовки трае 32 дена, со 38 тренинзи и четири контролни мечеви. Самото учество на овој турнир ќе ни даде да ја постигнеме формата за решавачките мечеви. Ќе играме на еден од најпрестижните турнири во овој регион, императивот ќе биде победа, со цел да бидеме спремни за финалните мечеви за пласман на Европското првенство со Грција и Грузија“, изјави Миленковски.
Во име на тимот на Македонија пред следните предизвици, тоа се турнирот и финишот од квалификациите за Европското првенство, говореше капитенот на тимот, Никола Ѓорѓиев. Како најискусен, повторно ќе биде лидер на екипата која сака четврти евро-шампионат во низа.
„Овој турнир ми е омилен, многу пати сме играле во финалињата, но се надеваам дека ќе го освоиме овој пат. Од Швајцарија во два меча, еден ден загубивме, вториот ги победивме. Исто беше и на контролните дуели со Бугарија. Швајцарската одбојка е во подем, ќе биде интересно да видиме како ќе може да им се спротиставиме. Тие играаа со Шведска и Шпанија, кога игравме лани со нив мислев дека ќе бидат аутсајдери, но тие сега се во игра за евро-шампионатот. Имаат селектор Аргентинец, го познавам од времето кога играв во Франкфурт. Што се однесува до Бугарија, првиот меч го добивме, вториот меч имавме задоволувачка игра, во која загубивме два сета на разлика. Јас во име на играчите можам да ветам дека ќе играме максимално, секој меч за нас од овој турнир ќе биде како финале и се надевам дека ќе славиме.“, изјави Ѓорѓиев.
Прв противник на Македонија ќе биде селекцијата на Швајцарија (5 август – вторник од 17:45 часот), следниот ден ќе се сретнат селекциите на Швајцарија и Бугарија, а на затворањето на турнирот Македонија ќе се соочи со Бугарија. (7 август – четврток од 19:00 часот).
Влезот за сите натпревари во салата на СЦ „Борис Трајковски“ ќе биде слободен.

