Во пресрет на 15-от јубилеен Виз Ер Скопски Маратон, денеска беше реализирана средба со новинарите на која присуствуваа: Шефот на Делегацијата на Европската Унија, Самуел Жбогар, директорот на Виз Ер Скопски маратон, Кире Синадиновски, Гордана Николовска од Сојуз на спортови на Град Скопје и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски.
„Иако ова е нашиот 15-ти јубилеј, ние секоја година се трудиме сѐ повеќе и повеќе да внесуваме новости. Сакаме константно да се надградуваме. Оваа година благодарение на поддршката од Делегацијата на Европската Унија се организираат и бесплатни групни тренинзи кои започнаа од 28-ми март. Унијата е покровител и на ‘Штафетниот маратон – ЕУ за спорт’ кој оваа година има прекрасни нови медали кои одлично ја претставуваат ЕУ“ – рече Кире Синадиновски, директор на Виз Ер Скопски маратон.
„Скопскиот маратон од домашен бренд прерасна во меѓународен од светски размери кој може да се изедначи со сите позначајни спортски настани од таков тип. Скопскиот Маратон секоја година ја пренесува пораката на спортистите а тоа е дружење, забава и вреднување на придобивките од спортот“- потенцираше директорот на АМСМ, Дарко Каевски.
Во склоп на Виз Ер Скопски маратон се одржуваат неколку трки и тоа трката од 5 километри, полумаратонот, маратонот и штафетниот маратон. Пријавувањето за учество завршува на 22 април 2019, а самите стартни пакети ќе можат да се подигнат на 2-ри и 3-ти мај 2019 ви просториите на Парк Хотел и Спа. Заинтересираните може да се пријават кај официјалниот партнер на Виз Ер Скопски маратон https://www.smartrace.club/ или официјалниот веб сајт http://skopskimaraton.com.mk.