Оригиналниот шампионски трофеј во Бундеслигата ќе биде испратен на „Сигнал Идуна Парк“ во Дортмунд во сабота, објави телевизијата „Sport1“, повикувајќи се на извори од Германскиот фудбалски сојуз.
Борусија (Дортмунд) е домаќин на тимот на Мајнц и доколку победи ќе ја освои титулата.
Екипата на Борусија Дортмунд води на привремената табела со 70 бодови и е со 2 бода пред второпласираниот Баерн (Минхен), кој има 68, на едно коло пред крајот на сезоната. Копијата (репликата) од трофејот ќе биде однесена во Келн каде гостува Баерн. Шампионот од Минхен повторно ќе се радува доколку победи на гостински терен, а Дортмунд не успее да го победи Мајнц.
Во меѓувреме, тренерот на „жолто-црните“ Един Терзиќ повика на смиреност во редовите на тимот, а во Баерн ќе се надеваат Борусија Дортмунд да не успее да победи против Мајнц.