Документарниот филм – „Патот на Кобра до ѕвездите“, посветен на легендарната „деветка“ на Вардар и Црвена Ѕвезда, Дарко Панчев, ќе конкурира за наградите на 12-то издание на Меѓународниот фестивал за спортски филм на „Златибор“ кој ќе се реализира од 23-27 август во соседна Србија.

Покрај филмот за Панчев работен во копродукција на Спортклуб, Спортско радио 90.3 и Спорт Нетворк Продукција а под покровителство на Универзитетот Скопје, на фестивалот ќе се појави и филмот за нашиот некогашен фудбалер, Милко Ѓуровски – „Луда глава“ поврзан со неговиот премин од Црвена Ѕвезда во Партизан и како и документарецот – „Среќна 13-ка“ посветен на македонскиот легендарен кошаркар – Благоја Георгиевски-Буштур.

Панчев кој со Вардар ја освои титулата во 1987 година во тогашна СФРЈ а со Ц. Ѕвезда дојде до европската и светската титула во 1991 година кога ја освои и „златната копачка“ за најдобар стрелец во Европа, на фестивалот на „Златибор“ ќе добие посебна награда за врвни резултати во македонскиот, српскиот, југословенскиот и европскиот фудбал.