Откако ја доби довербата да ја води ФФМ, Масар Омерагиќ објави кои ќе бидат неговите најблиски соработници во моментов со кои тој ќе оперира во најголемата федерација во нашата земја.
На состанокот, на предлог на претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, членовите на Управниот одбор на ФФМ го избраа Марјан Стојкоски од ОФС Прилеп за потпретседател на Фудбалската федерација на Македонија кој доаѓа на местото од досегашниот потпретседател, Лазар Ракиџиев.
На седницата, исто така, беше констатирана оставката од функцијата генерален секретар на Наталија Илиевска-Божиновска. За в.д. генерален секретар во Фудбалската федерација на Македонија е назначен Дрилон Ганиу, досегашен заменик на првиот оперативец во „Куќа на фудбалот“.
На предлог на новиот претседател на ФФМ, македонската фудбалска легенда, Горан Пандев е назначен за спортски директор на сите македонски репрезентативни селекции. Еден од великаните на македонскиот фудбал, Илија Најдоски заедно со нашиот поранешен репрезентативец, Агим Ибраими се назначени за советници во кабинетот на претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ.

