Горан Пандев синоќа на мечот со Летонија имаше посебен љубилеј, го одигра својот 100-ти натпревар во дресот на нашата фудбалска репрезентација. Токму оваа средба беше посебна за него и за останатите репрезентативци кои сакаа со победа да му ја честитаат -100-ката на својот капитен.
„Благодарност до сите што дојдоа да честитаат. Најважно беше да се добие овој натпревар. Победивме рутински и мисламмдека успеавме малку да зачуваме сили за мечот во недела против Словенија, затоа што на гости не очекува многу потежок натпревар. Се надевам дека сите добри работи што ги имам во овој месец март, како јубилејот во Серија А, јубилеј за Македонија и голот против Јувентус, ќе ги заокружам со победа во Словенија. Најважно ни беше да тргнеме со победа, овие три бода се добри за нас“, изјави Пандев.
Горан Пандев даде коментар и за настапот на Елеф Елмас кој влезе од клупа и постигна два гола на овој натпревар:
„Знаеме со каков талент располага Елмас. Среќен сум за него и се надевам дека во иднина ќе игра уште многу натпревари. Се работи за роден лидер, тоа го покажува играта, гледам дека во иднина може да биде лидер. Не е лесно да се влезе од клупа и да се постигне два гола. Има карактер, харизма и се останато за да игра во уште поголем клуб, а потоа и во националниот дрес“, додаде Горан Пандев.
Напиот капитен исто така се заблагодари на публиката која дојде за да му го честита љубилејот во дресот на нашата репрезентација.
„Им благодарам на оние што дојдоа да го следат овој за мене посебен натпревар. Мислам дека во последните години заслужуваме поддршка. Публиката полека се враќа на стадионот. Можеби победивме со не многу квалитетни противници, но полека го креваме рејтингот на македонскиот фудбал. Се надевам дека ќе успееме да оствариме нешто повеќе преку овие квалификации, а ако не успееме, ќе мислиме на Лигата на нациите“, изјави по натпреварот нашиот капитен.