Претседателката, Гордана Сиљановска Давкова, денеска ја прими наша параолимпијка, Оливера Наковска Бикова и тимот што ќе ја придружува на претстојните Параолимписки игри, од 28 август до 8 септември, во Париз.

Врачувајќи го државното знаме што нашата спортистка ќе го развее на Параолимписките игри, претседателката Сиљановска Давкова, се осврна на извонредно значајните спортски достигнувања на македонските параолимпијци кога Бранимир Јовановски донесе злато на игрите во Барселона во 1992, Оливера Наковска Бикова златен медал во 2012 година во Лондон а Ванчо Каранфилов сребрен медал од олимписките игри во Атина во 2004 година.

Во таа насока, претседателката Сиљановска Давкова изрази уверување дека и покрај нашето скромно учество, со само еден натпреварувач на параолимпијадата, македонската спортистка ќе оствари успеси што ќе бидат национална гордост.


