Манчестер Сити нема да може да смета на повредените Бернардо Силва, Габриел Жезус и Илка Гундоган за средбата од претпоследното коло во групата Ф на Лигата на шампионите, меч кој го играат вечерва против Олимпик во Лион.
Тројцата не заминаа со екипата од 19 играчи за Франција, а менаџерот Пеп Гвардиола објасни дека имаат физички проблеми.
„Бернардо Силва е во финална фаза на закрепнување, но уште не е подготвен за игра. Габриел Жезус доби мускулен проблем на тренингот и не може да игра. Илка Гундоган има проблем со ногата. Секако желбата ми беше тие да бидат на располагање, но ситуацијата е таква и треба да ја прифатиме реалноста. Располагаме со доволно добри фудбалери кои треба да ги заменат и со кои можеме да завршиме работа”, изјави шпанскиот стратег.
Манчестер Сити, кој го започна настапот во ЛШ со пораз на домашен терен од Олимпик Лион со 1:2, е лидер во групата и ќе си обезбеди пласман во осминафиналето со нерешено. Со победа, англискиот тим, исто така ќе го обезбеди првото место во групата. Французите имаат потреба од успех за да продолжат понатаму сигурно.
Гвардиола исто така нема да може да смета на Кевин Де Бруин и Бенжамин Менди што може му даде шанса на тинејџерот Фил Фодан да настапи на овој натпревар.