Голманот Пепе Реина, кој игра со позајмица во Астон Вила, а е во сопственост на Милан до крајот на сезоната, планира да ја заврши кариерата следното лето.
„По престојот во Астон Вила, морам да се вратам во Милано. Нема да биде лесно, веројатно ќе треба да играм уште една година или две. Можеби ќе ја завршам кариерата по крајот на следната сезона. Мали се шансите да бидам и понатаму играч. Можно е да станам тренер“, изјави Реина за весникот „Мирор“.
Во својата кариера голманот играше за екипите на Барселона, Виљареал, Ливерпул, Наполи, Баерн Минхен и Милан. 37-годишниот играч ја има освоено ЛШ, Супер купот на УЕФА, германската титула, ФА Купот, Лига Купот и Супер купот на Англија и Купот на Италија. Со репрезентацијата на Шпанија, Реина е светски шампион и двапати европски шампион.