Претседателот на Реал (М), Флорентино Перез, кој е назначен за нов шеф на новоформираната Европска Супер лига излезе со изјава во врска со контроверзното натпреварување кое предизвика вистински тектонски поместувања во светскиот фудбал. Тој вели дека Суперлигата не е напад врз фудбалот, туку негово неопходно спасување.
„Сите велат овие се богати и прават што сакаат – не. Јас не сум сопственик на Реал Мадрид, Реал Мадрид е клуб на членови. Сè што правам е за доброто на фудбалот. Сега го правиме ова за да го спасиме фудбалот, кој е во критична ситуација“, рекол првиот човек на мадридскиот гигант.
Според Перез, светските клубови се наоѓаат во финансиски потешкотии поради пандемијата и Суперлигата е еден од потезите кои мора да се преземат.
„Ова е спас на фудбалот за да може истиот да биде мирен барем во следните 20 години. Ситуацијата е многу драматична“, додава Перез во интервју за шпанските медиуми и порачува: „Ќе се обидеме да почнеме што поскоро“.
Во интервјуто тој исто така вели дека играчите од клубовите учесници на турнирот нема да добијат суспензија од меѓународните турнири, и покрај изјавите на ФИФА и УЕФА.
„Играчите од сите клубови од Супер лигата нема да бидат суспендирани од Евро 2020 и Светското првенство. Јас го гарантирам тоа. Тие можат да бидат 100% сигурни во ова. Суперлигашките клубови нема да бидат исклучени од националните лиги“, изјавил Перез.

