Хрватскиот интернационалец и репрезентативец Иван Перишиќ, кој е еден од најквалитетните играчи на Баерн Минхен уште од почетокот на сезоната, ќе мора да паузира од 6 до 8 недели.
За време на денешниот тренинг, тој заработил повреда при еден дуел со Алваро Одриосола, а настрадал неговиот зглоб. Ова значи дека Перишиќ ќе ја пропушти првата средба со Челзи од 1/8-финалето на Лигата на шампионите на 25 февруари во Лондон.
„Ова е шок за сите нас, затоа што Иван досега беше многу корисен“, рече тренерот Ханзи Флик. Повредата може да го спречи Перишиќ да добие постојан договор со Баерн, затоа што во моментов е на позајмица од Интер. Досега тој има постигнато 5 гола и 8 асистенции на 22 натпревари во сите натпреварувања во дресот на Баерн Минхен.
Алваро Одриосола дојде од Реал Мадрид во јануари, но тој допрва треба да го направи своето деби во дресот на Баерн Минхен.