Откако ги обезбеди услугите на Игор Тудор како негов асистент, новиот тренер на Јувентус Андреа Пирло сака да го има во својот стручен штаб и легендарниот дефанзивец Алесандро Неста, пишува „Кориере дело Спорт“.
Како и Тудор, кој го раскина договорот со Хајдук (Сплит), и Неста има тренерско искуство. Тој ги водеше екипите на ФК Мајами и Перуџа, а во моментов е тренер на Фросиноне, со кого го загуби финалниот плеј-оф за влез во Серија А од Специја.
Пирло и поранешниот дефанзивец беа заедно во Милан девет сезони, каде двапати ги освоија Скудетото и Лигата на шампионите. Тие беа и соиграчи во репрезентацијата на Италија, со која триумфираа на СП 2006 година.