Македонското едрење, по пауза од 12 години, повторно се враќа на европската и светската едриличарска сцена. Македонската едриличарска репрезентација составена од вкупно 12 едриличари ќе биде дел од Европското првенство за класата Оптимист кое ќе се одржува од денеска до 21 јули во Солун, Грција, како и Светското првенство за класата Ласер – Илка 4, кое од 23 до 31 јули ќе се одржува во Волос, Грција.
На Европското првенство за класата Оптимист кое денеска стартува во Солун, Македонија ќе ја претставуваат седумте најдобри едриличари според ранг-листата во последните три години, членови на „Акватика Јахтинг“ од Охрид, Мила Булатовиќ, Гала Булатовиќ и Павел Стоев, како и од ЕК „Снегар“ од Струга, Андреја Кавај, Андреа Чуркоска, Марко Милески и Стефан Баракоски, а предводени од тренерите Драган Челешоски и Елена Аслимовска.
На шампионатот во Солун ќе учествуваат дури 300 натпреварувачи од 47 земји.