Предстојниот викенд 24 – 26 септември во Ивреа Италија ќе се одржи Европско првенство во кајак слалом на диви води. Македонската репрезентација во кајак слалом е редовен учесник на Европските првенства каде постигнува солидни резултати, но оваа година новото раководство на федерацијата (КФСМ) одлучи Македонија да не учествува на ова Европско првенство, иако Министерството за спорт веќе и додели односно исплати финансиски срества за настап на Европското првенство.
Образложението на новото раководство на федерацијата е дека првопласираниот во репрезентацијата е повреден, а второ и трето пласираните Кристијан Смилев и Стефан Рибарски не биле доволно квалитетни за настап на Европско првенство, што воопшто не е вистина, обвинува поранешниот Претседател на КФСМ Роберт Папазов.
Тој во реакцијата потенцира дека новото раководство на КФСМ има свои омилени и неомилени кајакари и кајакарски клубови односно кој за кого гласал при изборот на новото раководство.
„Дека новото раководство ги дели кајакарите на омилени и неомилени ( може наши и ваши) покажува и неодамна поднесената листа за стипендисти ‘‘Спортска надеж‘‘ каде тројцата најдобри кајакри во спринт на мирна вода нема да добијат стипендии, а ќе добијат четврто, петто и шесто пласираните, што претставува невиден преседан од кога постои оваа програма Спортска надеж. Исто така на неодамна одржаното Европско јуниорско првенство во кајак слалом во Епинал Франција на повеќето ( омилените ) кајакари им беа исплатени трошоците за патување и настап освен на најдобриот јуниор Кристијан Смилев (единствен кој се пласира во полуфиналето на европското јуниорско првенство) не му беа исплатени трошоците за патување и настап ( бидејќи е неомилен). За ваквото самоволно и дрско однесување на новото раководство на КФСМ решение ќе се бара низ органите на КФСМ или спортските институции но сепак добро е да биде запознаена и спортската јавност бидејќи вака ѓи губиме најдобрите кајакари“, вели Роберт Папазов поранешен Претседател на КФСМ.

