По денешниот поразот од Вардар, предводникот на Работнички, Жикица Тасевски поднесе неотповиклива оставка.
Ова беше трет пораз во низа за екипата на Работнички, а Тасевски се одлучи да ја презеде одговорноста поради слабите резултати.
„Поднесов неотповиклива оставка поради за мене неприфатливата ситуација во која се наоѓа мојот клуб. Работев, посветено, искрено секогаш подготвен за стручна анализа и одговорност за сопствените дела. Резултатски не бевме најдобри тоа треба да го признаеме, а кој го познава денешниот фудбалски поредок тоа секако ќе го разбере. Сакам да се заблагодарам на претседателот Драган Поповски и на директорот Иван Поповски за довербата и условите за работа кои ни беа овозможени. Им посакувам на сите во клубот многу среќа во продолжението на првенството. Ќе бидам најсреќен ако моето заминување биде пресвртница кон нови успеси достојни за клуб каков што е Работнички!“, изјави Жикица Тасевски.
Тасевски дојде во Работнички во 2018 година на местото на Ѓоре Јовановски, кој исто така спогодбено го раскина договорот со клубот по серијата слаби резултати. Оваа екипа во оваа сезона влезе со големи амбиции, имаше многу измени и засилувања во зимскиот преоден рок, но новите играчи не донесоа посакувани резултати.
Сега на потег е раководството на Работнички кое ќе треба да најде следно решение за клупата на својот клуб.