Македонската фудбалска репрезентација вечерва (20.45 ч.) на Националната Арена во Скопје ја пречекува Бугарија во последниот натпревар од тековното издание на Лигата на нации. Момците на Благоја Милески по поразот на гостувањето кај Грузија, вечерва во Скопје со победа над Бугарија ќе го потврдат второто место во групата.
Нашата репрезентација досега оствари две победи во петте одиграни средби, а по ремито на стартот во Разград вечерва очекуваме добра партија и победа над Бугарија, која очигледно е во криза на репрезентативен план во последните неколку години.
Бугарите во Скопје доаѓаат со нов селектор и со надеж дека ќе успеат да ја повторат добрата партија од пред неколку дена кога на домашен терен ја совладаа селекцијата на Гибралтар со 5:1.
Судија на вечерашниот меч ќе биде Јулиан Вајнбергер од Австрија.