Поранешниот менаџер на Тотенхем, Маурисио Покетино изрази желба да го предводи Манчестер Јунајтед. Според „Манчестер Ивнинг Стандард“, аргентинскиот стратег сакал да стане главен тренер на тимот на Манчестер дури и по отказот на Жозе Мурињо во декември 2018 година.
Засега Манчестер Јунајтед се уште не се решава за промена на тренерското место, со оглед на тоа што газдите на клубот ја имаат довербата во поранешниот голгетер на тимот, Оле Гунар Солскјер. Според некои информации, Покетино е подготвен да чека и до крајот на сезоната за да го преземе составот на „црвените ѓаволи“.
Оваа сезона, Манчестер Јунајтед е на 10-то место во Премиер лигата, а следниот меч го има токму против Тотенхем, кој според некои медиуми може да биде и клучен за иднината на Солскјер на кормилото на тимот.
