Предводникот на ПСЖ, Маурисио Покетино го прокоментира можниот трансфер на дефанзивецот на Реал Мадрид, Серхио Рамос.
„Стратегијата на ПСЖ постои веќе многу години. Ги разгледуваме можностите на пазарот и потпишуваме играчи кои можат да нè засилат. Сè ќе биде видливо во наредните месеци. Рамос сака да игра во клуб кој секогаш сака да победува. ПСЖ е еден од најголемите клубови во светот“, изјави Покетино за „Марка“.
Претходно беше објавено дека Рамос ја одбил понудата на Реал Мадрид за нов договор. Главен претендент за Рамос е ПСЖ. Капитенот на Реал Мадрид има право да преговара и да потпишува прелиминарни договори со други клубови од овој месец. Според последните извештаи во медиумите, Парижаните му понудиле на Серхио Рамос плата што Реал Мадрид не може да ја обезбеди.

