Лондонската полиција уапси две лица во врска со инцидентот со Антонио Рудигер од Челзи при победата од 2:0 над Тотенхем вчера на „Стемфорд Бриџ“.
Дефанзивецот беше удрен од предмети фрлени кон него од гостинската навивачка група. Станува збор за шишиња, запалки и отворачи за пиво.
Сличен инцидент се случи еден ден претходно со играчите на Астон Вила, Лук Дин и Мет Кеш, кои беа повредени од предмети фрлени од навивачите на Евертон за време на натпреварот на „Гудисон Парк“.
Менаџерот на Челзи, Томас Тухел ги повика навивачите да покажат поголема почит кон играчите. „Сите мора да покажат почит и да го почитуваат јавниот ред, нема сомневање во тоа. Доколку ова е тренд, мора што поскоро да го запреме и да ја одржиме оваа единствена атмосфера во англискиот фудбал“, изјави Тухел.