Македонската маратонка Адријана Поп Арсова не успеа да ја заврши маратонската трка на Светското атлетско првенство во Будимпешта. На женскиот маратон кој се одржа денеска на претпоследниот ден на атлетскиот мундијал, Поп Арсова беше единствената Македонка меѓу учесниците, но за жал не успеа да стигне до целта.
Етиопија имаше причина за двојно славје, затоа што првите две позиции на крајот ги заземаа маратонките од оваа африканска земја. Златото и припадна на Амане Шанкуле, која патеката од 42 километри ја претрча за 2 часа, 24 минути и 23 секунди, што е најдобро нејзино постигнување оваа сезона. Второто место и сребрениот медал го освои нејзината сонародничка Готутон Гебресласе, додека бронзена остана Фатима Гардади од Мароко.