По натпреварот во Струмица против Беласица одигран пред два дена, Александар Васоски веќе не е тренер на најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар.
Популариот „Тетовче“ изминатиот перид несебично даваше се од себе за да му помогне на својот клуб, но откако не се решија проблемите во клубот, тој одлучи да направи нов чекор во својата тренерска кариера.
Клубот преку порака на својата официјална интернет страница се збогуваше од својот стратег кој во минатата сезона и покрај проблемите успеа повторно да го вивне клубот до самиот врв и да стане шампион во ПМФЛ.
„Фудбалскиот клуб Вардар му се заблагодарува на Васоски за неговиот придонес во клубот, кој беше несебичен, професионален и максимално коректен. Од тимот направи шампион, а што е најважно, афирмираше млади фудбалери кои ќе бидат иднината на македонскиот фудбал. Му благодариме за минатосезонската титула, која беше плод на многу работа, на многу единство во екипата, и за која дефинитивно има голем придонес. Му благодариме што успеа во овие тешки моменти за нашиот клуб, да собере сила и да го води тимот кон есенскиот дел од оваа сезона. И тоа да го направи со успех, знаејќи во каква ситуација се наоѓа Вардар, да создаде победнички менталитет, да направи добри фудбалери од овие млади момчиња, и пред се личности.
Му благодариме на Васоски за целиот придонес во сите овие шест години, најпрво како помошник тренер, а потоа и како прв тренер. Благодариме за титулите, за незаборавната авантура во Лигата на Европа од која беше дел, благодариме за сите дадени совети, лекции, сугестии. Никогаш нема да ја заборавиме трагата која ја остави во нашиот клуб. Васоски, ти посакуваме многу успех во понатамошната кариера. Со надеж дека еден ден повторно ќе бидеш меѓу „црвено-црните“, онаму каде што припаѓаш! Вардар е твојот дом!“, стои во објавата на Вардар.

