Кристијано Роналдо се соочува со дисциплинска постапка од Португалската фудбалска федерација, која превентивно му ги суспендираше правата за настап во националниот тим. Сега надлежните органи треба да одлучат каква казна ќе добие капитенот на португалската репрезентација.
Според информациите на бугарскиот „Спортал“, случајот е поврзан со случувањата за време на последните репрезентативни собири во септември и октомври. Роналдо, наводно, самоволно го напуштил кампот на репрезентацијата по натпреварот со Норвешка, поради несогласувања со селекторот Жорже Жезус.
Португалската ѕвезда подоцна јавно се огласи, посочувајќи дека имало постојани тензии и несогласувања со стручниот штаб. Роналдо истовремено им се извини на својата земја, соиграчите и раководството на федерацијата, нагласувајќи дека е подготвен да ја прифати казната, без оглед на своето име и досегашните достигнувања.
Според дисциплинскиот правилник на португалската федерација, неоправданото напуштање или недоаѓање на репрезентативните обврски може да биде санкционирано со суспензија од еден до шест месеци, како и парична казна од 500 до 1.000 евра за професионалните фудбалери.
Предметот е проследен до дисциплинската комисија, која треба да ги утврди сите околности и да ја донесе конечната одлука. До завршувањето на постапката, деталите за случајот ќе останат доверливи.

