Повредата на данскиот дефанзивец на Милан Симон Кјаер не е сериозна и тој ќе отсуствува неколку дена. Данецот истегна мускул на десната надколеница и принудно беше заменет во дербито против Јувентус одиграно вчера (1:1).
Симон Кјаер денеска беше подложен на преглед, кој покажа дека повредата е помала отколку што се очекуваше. Во исто време, шведскиот напаѓач Златан Ибрахимовиќ, кој ги пропушти последните натпревари на Милан поради повреда, започна да тренира по индивидуална програма.
Почна да трча и францускиот напаѓач Оливие Жиру, кој исто така се опоравува од повредата. Повредени и понатаму се Раде Круниќ, Тиемуе Бакајоко, Жуниор Месиас и Давиде Калабрија.