Дамир Скомина ќе го суди финалето на Лигата на шампионите оваа година, дуел кој ќе се игра помеѓу Тотенхем и Ливерпул на 1-ви јуни.
42-годишниот словенец беше главниот судија на четири натпревари од ова натпреварување оваа сезона. Еден од нив беше победата на Ливерпул над Наполи со 1:0 во декември 2018 година. Тој беше и судијата кој по консултација со ВАР досуди пенал за Манчестер Јунајтед во дополнителното време на дуелот против ПСЖ, со кој „црвените ѓаволи” сензационално го елиминираа еден од најголемите фаворити. Скомина го судеше финалето на Лигата на Европа помеѓу Ајакс и Манчестер Јунајтед во 2017 година, а пет години пред тоа го судеше Супер Купот помеѓу Челзи и Атлетико Мадрид.
Помошниците на Скомина ќе бидат неговите сонародници, Јура Пракротник и Роберт Вукан, а Шпанецот Антонио Матеу Лаос е назначен за четврти судија. Холанѓанецот Дани Макел ќе биде одговорен за ВАР, Пол Ван Букел ќе му помага, а во тимот, исто така, ќе бидат и германските судии Феликс Цвајер и Марк Борс.