Првите луѓе на фудбалскиот состав Манчестер Јунајтед, ја дефинираат понудата за напаѓачот на Јувентус, Марио Манџукиќ, кој во текот на зимскиот трансфер период ќе го напушти тимот од Торино и ќе се пресели во редовите на „црвените ѓаволи“.
Хрватскиот интернационалец кој дефинитивно го загуби првотимскиот статус и не беше пријавен за тековнава сезона во Лигата на шампионите, треба да биде големо засилување во нападот на Манчестер Јунајтед.
Во исто време, тренерот на тимот од „Олд Трафорд“, Оле Гунар Силскјер, ќе направи обид да ангажира и уште еден играч на „старата дама“, Емре Џан, кој исто така не е задоволен бидејќи остана надвор од ростерот кој е пријавен за настап во елитната конкуренција во Европа. Засега не се споменува сумата што Манчестер Јунајтед планира да ја испрати до Јуве за да ги добие потписите на двајцата фудбалери.

