Премиер лигата официјално објави дека викендов ќе има натпревари во англиската елита и покрај националната жалост во Велика Британија поради смртта на кралицата Елизабета Втора. Како што е познато, целото седмо коло во првенството беше одложено токму поради оваа причина.
Оваа недела, пак, ќе се одиграат само седум од десетте натпревари кои требаше да бидат на програмата од осмото коло во првенството. Станува збор за петочните натпревари Астон Вила – Саутемптон и Нотингем Форест – Фулам, саботните Вулверхемптон – Манчестер Сити, Њукасл – Бурнмаут и Тотенхем – Лестер, како и неделните Брентфорд – Арсенал и Евертон – Вест Хем.
Така, поради настаните околу погребот на Елизабета Втора, беа одложени двата највозбудливи натпревари Челзи – Ливерпул и Манчестер Јунајтед – Лидс, како и Брајтон – Кристал Палас, кои веќе беа презакажан поради штрајкот на локалните железничари.
„По консултација со клубовите, полицијата, локалните служби за безбедност и другите релевантни органи немаше друга опција освен да се одложат трите натпревари. Премиер лигата сака да се заблагодари на Полициската единица за фудбалски настани, останатите полициски сили во земјата и нашите партнери за пренос на натпревари за нивната поддршка во текот на целиот процес и ние ќе продолжиме да комуницираме со нив пред викендот. За натпреварите кои ќе се играат во периодот на национална жалост, ќе има почести за кралицата на стадионите во Премиер лигата. Новите термини за одложените натпревари ќе бидат објавени наскоро“, се вели во соопштението на Премиер лигата.