Откако помина јануарскиот преоден рок, Барселона сега има нов приоритет. Моментално најважна цел на Каталонците е да го врзат нивниот голем талент Гави со нов договор, пренесува „Спорт“.
17-годишниот играч од средниот ред има договор со Барса до летото 2023 година, но клубот сака да го врзи долгорочно. Стана клучен играч на „Камп Ноу“, редовно играјќи со Роналд Куман, а сега и со Чави и стигна до националниот тим. Покрај тоа, клубот смета дека тој заслужува сериозно зголемување на платата која моментално е само 100 илјади евра годишно, а сака и да ја подигне откупната клаузула која изнесува 50 милиони евра.
Во моментов Барселона не е премногу загрижена и верува дека преговорите со Гави ќе бидат успешни. Тие веќе имале состанок со агентот на фудбалерот, кој бил доста позитивен. Тој ја потврди желбата на играчот да се докаже на „Камп Ноу“ и да му помогне на клубот да се врати на врвот. Се очекува тој да им се придружи на другите две големи надежи Ансу Фати и Педри кои веќе ги продолжија договорите.