Европската Суперлига се уште е жива, а има и нови планови кои меѓу другото значат дека ниту една екипа нема да има загарантирано учество.
Ова отворено го најави Бернд Рајхарт, директор на А22, компанија која е одговорна за обезбедување спонзори и помагање во создавањето на Супер лигата.
Тој за германскиот весник „Ди Велт“ вели дека во секоја сезона од Суперлигата можат да учествуваат и до 80 екипи. Тој исто така вели дека од октомври минатата година биле консултирани повеќе од 50 европски клубови, што ја поставило основата за новите планови.
Ниту еден клуб нема да има загарантирано место на турнирот, што беше една од работите што наиде на големи критики при лансирањето на идејата во 2021 година. Квалификациите за Суперлигата би биле исклучиво преку настап во домашните првенства, што исто така се разликува од првичните планови.
Доколку се испочитуваат плановите, Европската Суперлига ќе биде во функција во сезоната 2024/2025.