Фондацијата проф. д-р Ванчо Чифлиганец вчера во скопскиот хотел „Александар Палас“ ја промовираше спортската монографија и истоимениот документарен филм, „Македонскиот сон – Ние сме светски шампиони“.
Двете дела се посветени на незаборавните успеси на боречкиот клуб Бучим-Јака од Радовиш, кој во 1995 стигна до титулата европски првак, а една година подоцна стана светски шампион.
„Нема големи и мали држави, има луѓе со големо и мало срце. Ние борачите на Македонија го качивме нашиот камен на врвот од светот. Го задржавме таму колку што можевме. Сега тој камен треба некој повторно да го качи. На потег се младите генерации. Бидете храбри, ние ќе бидеме вашата поддршка. Ако со оваа книга и филм сум ве охрабрил да се зафатите со таа херојска работа и да ја најдете смислата за својот живот, да се искачите на врвот со свој камен, тогаш сум пресреќен. Тогаш и остварениот македонски сон на мојата генерација и на македонските генерации борачи што ја позлатија Македонија, не бил залуден. Ако можевме ние, можете вие“, порача Чифлиганец.
Филмот е снимен во режија на Јане Бојаџи, а сценарист е Сашко Насев.