Веќе подолго време ПСЖ крои планови како да го привлече Џанлуиџи Донарума од Милан во своите редови, многу веројатно е ова лето италијанскиот репрезентативец навистина да пристигне на „Паркот на принцовите“.
Скај Спорт Италија и Еуроспорт Франција информираат дека од ПСЖ започнале преговори со Милан за размена на Донарума и Алфонс Ареола.
„Росонерите” треба да ги регулираат своите финансии до 30 јуни и имаат интерес зделката да се оствари пред тој датум. На „Сан Сиро” гледаат сосема сериозно на варијантата да го добијат Ареола и 20 милиони евра во замена за Донарума.
Пред една година цената на Донарума беше значително повисока, но фактот дека договорот му истекува во 2021 година, а очигледно нема да биде обновен, му дава шанса на ПСЖ. Самиот голман сака да оди во клуб кој редовно игра во Лигата на шампионите. Милан не може да си дозволи да го задржи својот голман со неговата сегашна или да му понуди повисока плата.
За трансферот многу може да помогне спортскиот директор на ПСЖ Леонардо, кој само пред неколку месеци ја извршуваше истата улога во Милан. Покрај тоа, Донарума и Ареола имаат ист личен агент – добро познатиот Мино Рајола.