ПСЖ ќе му плати на Томас Тухел и неговиот стручен штаб 7 милиони евра обештетување за предвременото прекинување на соработката, пренесува „Ле Паризиен“.
Ќе потсетиме, претходно беше објавено дека главниот тренер на ПСЖ, Томас Тухел беше разрешен од функцијата. Францускиот клуб одлучи да се раздели со германскиот тренер шест месеци пред истекот на неговиот договор. Управата го известила Тухел за отказот синоќа, по убедливата победа на мечот од 17-то коло во Лига 1 против Стразбур (4:0).
Тухел го презеде ПСЖ во 2018 година. Под негово водство, Парижаните станаа шампиони на Франција двапати, а исто така ги освоија Купот, Лига Купот и два Суперкупа на земјата. Тимот се пласираше во финалето на Лигата на шампионите минатата сезона каде загубија од Баерн Минхен.
Пред назначувањето во ПСЖ, Тухел беше тренер на Борусија Дортмунд и Мајнц.

