ПСЖ конечно официјално ја објави разделбата со тренерот на тимот, Томас Тухел. Ова беше познато пред пет дена, но дури денес францускиот шампион ја потврди оваа вест. Клубот додаде дека одлуката за ослободување на тренерот е донесена по „длабока анализа на спортската ситуација“ на клубот.
„Би сакал да му се заблагодарам на Томас Тухел и неговиот персонал за сè што придонесоа за клубот. Томас вложи многу труд и енергија во неговата работа и секако дека ќе ги паметиме сите убави моменти што ги имавме заедно. Му посакувам се најдобро во иднина“, рече претседателот Насер Ал-Хелаифи за веб-страницата на клубот.
Тухел пристигна на „Паркот на принцовите“ во јули 2018 година и под негово водство тимот оствари 95 победи, 12 нерешени и 20 порази на 127 натпревари. Така, Германецот освои две титули во Франција, два Суперкупа на земјата и еден Куп на Франција и еден Лига Куп.
Токму тој го предводеше ПСЖ до првото финале во Лигата на шампионите во клупската историја, кое годинава го загубија од Баерн (Минхен) со 0:1. Се погласно се зборува дека негов наследник како тренер на ПСЖ ќе биде Маурисио Покетино.

