Францускиот гигант ПСЖ вечерва од 21 часот ја пречекува Борусија Дортмунд пред празните трибини на „Паркот на принцовите“ во реваншот од 1/8-финалето на Лигата на шампионите. Дуелот ќе се игра зад затворени врати заради епидемијата на коронавирусот. Германскиот тим победи со 2:1 на првата средба, која го остави отворено прашањето за конечниот победник од оваа пресметка.
Парижаните изгубија едно од своите оружја во мечот – публиката, но може да излезат уште послаби заради здравствената состојба на младата sвезда Килијан Мбапе, кој не се чувствува добро, па дури беше тестиран за коронавирус. Постојат индикации дека тестот е негативен, но неговото учество во натпреварот останува под знак прашалник.
Во последните три сезони, ПСЖ секогаш го започна своето учество во ЛШ како еден од фаворитите за трофејот, но е елиминиран во 1/8-финалето. Особено беше болно во 2018 година, кога Барселона успеа да анулира негатива од 4 гола кој ПСЖ ги имаше по првата средба, па на реваншот на „Камп Ноу“ загуби со 6:1. Потоа беа елиминирани од Реал Мадрид, а минатата сезона Манчестер Јунајтед ја направи сензацијата, елиминирајќи ги Парижаните по поразот од 0:2 на „Олд Трафорд“ и победата од 3:1 на „Паркот на принцовите“. ПСЖ е во деликатна ситуација која Борусија Дортмунд ќе се обиде да ја искористи.
Тренерот Томас Тухел планира да се потпре на Мбапе во напад, но доколку тој не може да настапи, алтернатива е Мауро Икарди како партнер на Едисон Кавани во нападот. Со сигурност дуелот го пропуштаат Марко Верати и Тома Муние поради суспензија. Анхел Ди Марија е со жолти картони и евентуално ако добие на оваа средба би го пропуштил следниот натпревар од четвртфиналето, доколку ПСЖ се пласира понатаму.
Во исто време Борусија Дортмунд е во подем, а нападот се потпира на младиот Норвежанец Ерлинг Холанд, кој е незапирлив. Борусија Дортмунд е во серија од четири последователни победи во Бундеслигата и ќе се обиде да ја продолжи својата серија во Европа.
Можни состави:
ПСЖ: Навас, Керер, Силва, Кимпембе, Бернат, Ди Мариа, Маркињос, Гај, Нејмар, Кавани, Мбапе.
Борусија Дортмунд: Бурки, Загаду, Хумелс, Пишчек, Витсел, Чан, Т. Азар, Санчо, Гереиро, Хакими, Холанд.
Натпреварот на „Паркот на принцовите“ во Париз ќе го суди Ентони Тејлор од Англија, а започнува од 21 часот.