Серхио Рамос го потврди своето повлекување од репрезентацијата на Шпанија, откако селекторот Луис де ла Фуенте му соопшти дека повеќе нема да биде повикуван за националниот тим.
Дефанзивецот забележа 180 настапи за шпанската репрезентација, освојувајќи две европски првенства и еден Светски куп на ФИФА.
„Утрово ми се јави актуелниот селектор кој ме извести дека не сум и нема да бидам дел од неговите планови, без разлика како настапувам. Со тешко срце ќе кажам дека тоа е крајот на патот за кој се надевав дека ќе се протега и понатаму и кој ќе заврши со подобар вкус во устата. Искрено верувам дека ова патување заслужив да го завршам по мој избор или поради тоа што моите настапи не се на ниво достојно за нашата репрезентација, а не поради прашање на возраст или други причини кои иако директно ги немам слушнато, секако ги почувствував“, напиша Рамос.