Ралф Рангник го предупреди Манчестер Јунајтед дека на тимот му требаат околу 10 нови играчи за да ги направи потребните подобрувања и да се искачи нагоре. Синоќа „црвените ѓаволи“ примија нова шлаканица од Ливерпул, овојпат со пораз од 4:0. Германецот призна дека понижувањето е навистина големо, бидејќи неговиот тим воопшто не бил конкурентен.
„Тоа е фрустрирачко, па дури и понижувачко. Мора да прифатиме дека Ливерпул во моментов е 6 години пред нас. Доаѓањето на Јирген Клоп не само што го однесе тимот на друго ниво, туку и клубот и градот. Токму тоа треба да го направиме во следните преодни рокови“, изјави Рангник.
„Сигурно ќе има промени и обнова, но тоа не ни помага сега кога имаме уште 5 натпревари. Ситуацијата не е тешко да се анализира. Јасно е дека ни требаат 6,7,8 или дури 10 нови играчи. Сепак, пред да ги привлечете, мора да имате јасна претстава за тоа како сакате да играте“, додаде тој.