Привремениот менаџер на Манчестер Јунајтед, Ралф Рангник, се извини за поразот од Брајтон со 4-0 во 36. коло од Премиер лигата. По поразот, Јунајтед остана шести во поредокот со 58 бодови и ги загуби шансите да заврши во Топ 4.
„И ова може да се случи. Од првата до последната минута едноставно не беше добро. Можеме само да се извиниме за овој настап и понижувачкиот пораз“, изјави Рангник, кој на крајот од сезоната ќе се повлече од функцијата, а нов менаџер на тимот ќе биде Ерик тен Хаг.
„Победата во понеделникот над Брентфорд беше поинаква. Против Брајтон на противникот му дадовме премногу време и простор за игра. Никогаш не излеговме во позиција да ги спречиме“, додаде Рангник.
„Тоа што го покажавме денеска не е доволно за дресот на Манчестер Јунајтед. На вакви натпревари ни недостасува енергија и агресивност. Во последните четири недели играме многу слабо“, заклучи германскиот тренер.