Тренерот на Рома, Клаудио Раниери по натпреварот со Аталанта кој го загуби неговата екипа на домашен терен со 2:0, даде свој коментар на се она што се случуваше на „Олимпико“.
„Се додека имавме сила, одговаравме на секој напад. Тоа не е оправдување, не ме сфаќајте погрешно, но игравме во Лондон во четвртокот и се вративме во пет часот наутро. Добро се опоравивме, но тие можеа да направат соодветни промени додека јас немав играч од средниот ред.
Навистина им честитав на момците бидејќи на почетокот на вториот дел имавме голема шанса да поведеме, штета што Довбик не можеше да погоди откако Дибала ја проби нивната одбрана. Имаше уште една шанса за Манчини, кој беше толку блиску до голот.
Ова се моментите кога, ако продолжите да притискате, можете да ги свртите работите во ваша корист. Ова се натпревари каде тим како Аталанта, на кој сите сме многу горди кога ги гледаме како играат во Европа, го има она што е потребно за да се бори за Скудетото. Не сакам да вршам дополнителен притисок врз Гасперини, но овој тим е подготвен и е еден од најсилните тимови и може да се бори за врвот на табелата“, изјави Раниери.

