Расинг Клуб, еден од петте гиганти на аргентинскиот фудбал, ја освои деветтата титула на својата земја, откако одигра 1:1 на гостувањето кај Тигре во Сан Фернандо во 24-то коло на првенството.
Ова е втора титула за овој тим во последните пет сезони. Екипата од Авеланеда – предградие на Буенос Аирес, ја освои шампионската титула едно коло пред крајот, откако второпласираниот тим Дефенза одиграа нерешено 1:1 дома со Унион (Санта Фе). Тоа значи дека ништо не се смени на врвот на табелата и Расинг е лидер со плус 4 во однос на својот најголем конкурент. Расинг има 56 додека Дефенза 52 и со тоа останува без можност да се бори за титулата во последното коло во кое токму овие две екипи ќе играат на стадионот на Расинг.
Расинг Клуб покажа најстабилна игра во сезоната, имаат 17 победи, 5 нерешени и само два порази во 24 одиграни натпревари. Нивниот тренер, Едуардо Кодет, ја освои својата прва шампионска титула во својата кратка кариера, откако двапати загуби во финалето на Купот како тренер на Розарио Централ.
„Сосема заслужено го освоивме шампионатот, бидејќи сме на чело на табелата од 4-то коло наваму и не го испуштивме врвот“, изјави тренерот на Расинг. Ѕвездата на шампионите во оваа сезона е голгетерот на тимот Лича Лопез, кој постигна 17 погодоци.