Фудбалерот, Џакомо Распадори, кој со гол во судиското надополнување му донесе победа на Наполи на вчерашното гостување кај Јувентус, вели дека во тимот и кај навивачите владее голема еуфорија.
„Секогаш е тешко да се гостува кај Јувентус, среќни сме што победивме. Навистина е прекрасно да се почувствува таков вид на емоции. Победата е многу посебна, сакаме што побрзо да ја донесеме титулата и да ги израдуваме нашите навивачи“ – изјави Распадори.
Наполи кој е сигурен лидер на табелата го чека трофејот во Серија „А“ од далечната 1990 година. Четата за која настапува нашиот Елиф Елмас, во наредното коло ќе биде домаќин на Салернитана.